Врховниот суд денеска ќе одржи општа седница на која ќе ја разгледа иницијативата, дали Специјалното јавно обвинителство може да отвора истраги и да поведува обвиненија по периодот од 18 месеци од денот на преземањето на предметите во своја надлежност.
Иницијативата е поднесена од двајца адвокати Боро Тасевски и Еленко Миланов, кои се бранители на обвинети во повеќе случаи на СЈО. Тие се повикуваат на членот 22 од Законот за СЈО во кој е определено дека јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.