Ферди Касим, 39 годишен маж од Гостивар кој беше меѓу потешко повредените од превртениот автобус на 13-ти овој месец, е 15-та жртва од оваа трагедија. Неговиот живот згасна утринава и покрај максималните напори на лекарите да го спасат. Тој беше згрижен во Клиниката за интензивно лекување во Скопје.
“Беше опериран во првите четири сали кои ги отворивме во текот на настанот. Заради сериозноста на повредата, следниот ден е повторно ревидиран и направено е хемостаза и обид за да се спречи тешкото згмечување и крварење на белиот дроб. После интензивен оперативен третман на пациентот, денеска, во раните утрински часови, за жал, пациентот им подлегна на повредите и не можеше да се бори повеќе со сериозните повреди” – изјави д-р Илир Хасани, директор на Ургентен центар.
На Клиничкиот центар моментално се лекуваат шест пациенти, четворица се на КАРИЛ, а од нив двајца се во стабилна состојба, а двајца во критична состојба.
“Денеска, на оваа клиника се сместени четворица пациенти кои имаат сериозни повреди, информиравме за девојката и состојбата со неа после хируршката интервенција и тројцата пациенти кои се во серизна и тешка состојба”, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Уште други четворица се во критична состојба, хоспитализирани во одделот за интензивна нега во Градската болница “8 септември”.
А. Зеќири