ДКСК на средба со граѓанските организации во борба против корупција
Државната комисија за спречување на корупција денеска одржи средба со граѓанските организации вклучени во борбата против корупцијата. Средбата беше со цел запознавање со новите надлежности, целите и идните чекори на ДКСК, во контекст на претседателски избори.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на денешната средба со граѓанските организации, изјави дека граѓанскиот сектор е нивниот најголем сојузник во борбата против корупцијата.
„Ова е наша работна средба, од сега па натаму можеме да се договараме колку често ќе ги оддржуваме, се со цел да ја зајакнуваме нашата соработка, во насока на општо добро на сите“, додаде Ивановска.
Џабир Дерала, ЦИВИЛ, пред почетокот на првата средба меѓу ДКСК и организациите на граѓанското општество, им честиташе на новоизбраните членови на Комисијата и истакна дека треба да се одбележи добрата работа што ја заврши Секретаријатот на ДКСК во десетте месеци кога оваа институција беше обезглавена. Тој порача дека мора да се работи на јакнење на независноста на оваа институција, нешто што и новиот Закон за спречување на корупцијата не докрај го овозможува.
СДСМ го бојкотира Џафери
Пратениците на СДСМ ја бојкотираа утринската координација повикана од претседателот на Собрание, Талат Џафери. Тие се изјаснија дека се револтирани од текот на синоќешната седница за гласање за одземање на имунитетот на Трајко Вељаноски, којашто Џафери ја прекина две минути по полноќ, без да се изгласа одземањето.
Независниот пратеник Павле Богоевски денеска на својот фејсбук го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека го злоупотребил законодавниот дом и дека го заштитил организаторот на настаните од 27 април од притвор.
„Нашиот глас за Талат Џафери на 27-ми април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас. Денес низ медиумите прочитав информација дека парламентарните седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат. Тоа е уште една лага која најверојатно е излезена од неговиот кабинет“, напиша Богоевски.
Според Богоевски, Џафери можеше да го трпи криминалецот Никола Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазици.
„Не, Талат. Ти ја прекина седницата бидејќи се’ уште твојата партија е во коалиција со криминалната банда на ДПМНЕ. По сите драми и лаги дека на еден член му се слошило, а сте испратиле возила по другата заменичка. Не ви дозволивме да ја упропастите работата за време на комисиската расправа, ете затоа ја прекина седницата. По парламентарните избори, го извадивме ДУИ од ВМРО. Очигледно, не успеавме да го извадиме ВМРО од ДУИ“, истакна Богоевски.
Џафери се правда: Мухамед Зекири е виновен!
За прекинот на вчерашната седница, спикерот Талат Џафери го обвини пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири. На претседателот на Собранието не му пречело однесувањето на Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој му стоеше на говорница, туку рече дека го провоцирал однесувањето на Зекири од неговото столче. Тој се правда дека не го спасил Вељановски, бидејки само не му е одземен имунитет а судот може да продолжи со процесот.
Спасовски: Нема киднапирања ниту трговија со органи
„Ниту има случај на киднапирање, ниту, пак, на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи. Тоа го потврди судска медицина. Во Северна Република Македонија нема ниту еден случај на убиство поради вадење органи“, истакна Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи.
Тој категорично ги отфрла шпекулациите за наводни киднапери и наводна продажба на човечки органи, додавајќи дека тоа се лаги и дезинформации.
Судењето за предметот „Тврдина 2“ одложено за 5 април
Судењето за предметот „Тврдина 2″ на СЈО е одложено за 5 април, во кој првообвинет е екс-началникот на петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК.
Денешната расправа ја одложи судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија.
А. Петровска