Кординаторот на ДУИ, Ејуп Алими вчера во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 беше на иста линија со неговиот сопартиец, Артан Груби, и го обвини кординаторот на СДСМ, Јован Митрески, дека се договорил со ВМРО-ДПМНЕ, да го спасат имунитетот на Трајко Вељановски.
Брза беше реакцијата на Митрески, кој меѓу другото му порача на Алими да не продолжи да тоне во жив песок. На таквите обвинувања, според Митрески, не верува веќе никој, па ниту самиот Ејуп Алими.
“Ејуп измислил приказна дека јас (замислете заедно со координаторот на ДПМНЕ) сум договарал на осомничениот Трајко Вељаноски да не му се одземе имунитетот… Е мој Ејуп, слушни се што зборуваш и побрзај да ја признаеш лагата за да не ти се смеат и Албанците и Македонците и сите други.
Знаеш ли дека во жив песок не се мрда? Колку повеќе мрдаш, толку повеќе тонеш. Но и така да биде, на крајот треба да оставиш образ. Срамот не се брише”, пишува Митрески на својот Фејсбук профил.
Во истиот статус, Митрески додава дека неговиот и ставот на неговите колеги од нивната пратеничка група бил и секогаш ќе биде ист: „Правда за 27 април. Одговорност за организираторите на насилството!”
На крајот на неговиот статус кординаторот на СДСМ, Јован Митрески му поставува едно директно прашање на Ејуп Алими:
“Јас сум за правда и одговорност за 27 април, а ти?”
А. Зеќири