Денеска се одбележува светскиот ден на аутизмот. Според податоците се проценува дека само во Европската Унија 7 милиони луѓе се во спектарот, соопштуваат од Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“ – Скопје. Повеќето од нив доживуваат дискриминација на различни полиња од животот.
Во Македонија, пак, проценките се дека има меѓу 15.000 и 20.000 лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Д-р Јасмина Трошанска, дефектолог, за ЦИВИЛ Медиа вели дека најдобриот начин за комуникација со лица со аутизам е да се обидете да ги разберете, при што нагласува дека инклузијата во општеството е од клучна важност за нивниот развој.

„Вистинската инклузија не е само сместување на детето со аутизам во училница. Само затоа што е тука, тоа не значи дека секогаш е вклучено во наставата. Потребни се услови, намалување на бројот на ученици, обезбедување поддршка во материјални и човечки ресурси и некои просторни услови кои се едноставни и многу корисни“, вели Трошанска.
Како дефектолог чија примарна работа се однесува токму на работата со деца со аутизам, таа вели дека често е многу полесно да се категоризира детето отколку да се работи со него.
„Сепак, секој има свои способности. Она што е важно е да се пронајдат и препознаат јаките страни кај секое дете поединечно и да се работи на нивниот развој. Децата се различни, но како и секое друго дете, и детето со аутизам има свои јаки и слаби страни“, вели Трошанска.
Оваа година Здружението „Сина светулка“ ја поддржува кампањата на „Аутизам Европа“, која гласи „Нови динамики за аутизмот“. По повод денешното одбележување на светскиот ден на аутизмот, во ресторанот Umbrella ќе се одржи едукативно дружење на тема „Однесувањето на децата со аутизам“.
М. Ивановска












