Реактор – Истражување во акција го промовираше новиот извештај од истражувањето на тема Родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија.
Извештајот ги анализира недостатоците во релевантната законска рамка поврзана со родово базираната дискриминација и работничките права; застапеноста и природата на родово базираната дискриминација на пазарот на труд; стапката на пријавени случаи и начинот на кој институциите ги третираат таквите случаи; а содржи и препораки за подобрување на постојната правна регулатива, институционалните механизми и пракси за заштита од родово-базирана дискриминација во работен однос и пристап до работа.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека жените се многу повеќе изложени на родово базирана дискриминација на работното место отколку мажите.
„За да не ја изгубам работата, бев принудена да се вратам на работа 14 дена откако го родив своето дете.“; „На интервју за работа, ми кажаа дека работата не може да ја работи жена, бидејќи жените се помалку интелигентни од мажите“; „На истата работна позиција, за истите работни обврски и ниво на образование, заработував 3000 денари помалку од мојот колега.“ – се само неколку од споделените сведоштва на работничките во истражувањето.
Наодите на студијата укажуваат дека многу мал број на случаи на родово базирана дискриминација врз жените на пазарот на труд се пријавуваат кај надлежните институции и механизмите достапни за превенција и заштита од дискриминација. Институциите одговорни за справување со родово базираната дискриминација на работно место, пак, немаат податоци за нејзината распространетост. Според интервјуираните испитаници, дискриминацијата врз основа на родот не се пријавува поради недостаток на знаење каде да се обратат, недоверба во институциите, како и долги и скапи процеси за да се докаже дискриминацијата врз жртвите.
На настанот се обратија и Софи Бомонт, програмска менаџерка за образование, родова еднаквост и права за лица со попреченост во Делегацијата на Европската Унија; Јована Тренчевска, државна секретарка, Министерство за труд и социјална политика; Оливера Лазаревска, Државен инспекторат за труд; Кристина Ампева од Гласен Текстилец; и Игор Јадровски, Мрежа за заштита од дискриминација.
Истражувањето е дел од регионалната акција „Унапредување на работничките права на жените“, поддржана од Европската унија и Шведска, и се спроведува во шест земји од регионот (Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Истражувањето е спроведено кон крајот на 2018 година.












