На територија на земјава до синоќа имаше шест активни пожари, од кои три со поголем интензитет, три други беа локализирани, а еден е ставен под контрола. Во Центарот за управување со кризи состојбата со пожарите се следи преку системот НИКС (Next generation incident command) кој дава податоци во реално време и кои потоа се дигитализираат, а како помош во справувањето со огнените стихии во земјава се вклучија и експерти за високоризични пожари од Франција, Црна Гора и САД.
Како што информираше вчера директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов на прес-конференција, НИКС системот служи за просторно прикажување податоци во реално време и дава визуална претстава за состојбите со пожарите.
– Пред нас ја имаме картата на Македонија, со кликање можеме да влеземе во кој било пожар, да видиме каков е неговиот статус, дали е изгаснат, дали е активен, дали е под контрола. Доколку е активен да видиме колку сили се на терен, колку припадници на противпожарните служби, од странските, домашните, колку припадници на полицијата и на Армијата се ангажирани, колку цистерни, колку возила, буквално сите информации ги имаме на дланка. Овој систем е во развојна фаза, но сега побарав да се забрза неговото финиширање и да биде ставен во употреба во служба на гаснењето на пожарите, појасни Ангелов.
Во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на државата во претходното деноноќие биле ангажирани околу 650 полициски службеници со 163 возила, при што реализирале 221 мото-патроли.
Според извештај на ЦУК, до 16 часот на територијата на земјава имало шест активни пожари, од кои три со поголем интензитет, три други се локализирани, а еден е под контрола. Активни беа пожарите над селата Раовиќ и Буковиќ во Општина Сарај близу Националниот парк „Јасен“, кај селата Дивље и Крушје во Општина Петровец, еден во Прилепско, два во Велешко и на градската депонија во Виница.
Како што информира ЦУК, пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ во Општина Сарај е активен на неколку правци на непристапен терен и се гасне со хеликоптер. Во Националниот парк „Јасен“ нема интервенција од хеликоптери и може да се навлезе во паркот. Во гаснењето на пожарот учествуваат 20 припадници на Армијата, вработени во ШС „Јасен“ и НП Јасен, тројца пожарникари со едно противпожарно возило и армиски хеликоптер. Според информациите на ЦУК од теренот, доцна попладнето на ова подрачје почнало да врне дожд.
Активен е пожарот и кај селата Дивље и Крушје во Општина Петровец и се шири кон ливади со сува трева. Во гаснењето учествуваат 12 вработени од ШС „Караџица“ и 5 пожарникари со 2 противпожарни возила.
Во Прилепско е активен пожарот кај село Топлица – од село Ракле кон село Крстец, но е со слаб интензитет. Екипите се справуваат со гасење во нискиот дел од село Ракле. Според ЦУК, се работи за приземјен пожар каде гори лисната постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, без пламени јазици, но поради ветерот можно е да префрли на Козјак, каде има само трева и камења. Опасност од проширување на голем пожар до овој момент, не постои, посочуваат од Центарот. Во гаснењето учествуваат шест вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп.
Активни се и два пожари во Велешко, и тоа кај Старо Градско и кај мотелот „Македонија“. И во двата пожари гори сува трева и во нивно гаснење интервенираат по тројца пожарникари со по едно противпожарно возило.
Пожар избувнал и на градската депонија во Виница, но опожареното место е под контрола. Интервенираат шест пожарникари со цистерни и двајца вработени од ЈП „Солидарност“ од Виница.
Два пожари има и на територијата на Општина Македонски Брод. Едниот е во атарот на селото Слатина, кој е локализиран, но има чадење во внатрешноста, каде интервенира екипа од ШС „Македноски Брод“. Вториот пожар, кај село Девич, исто така, е локализиран, но и овде на терен е екипа од ШС „Македонски Брод“ со петмина вработени, како и тројца пожарникари.
Пожарот кој започна кај местото викано Бeјаз Тепе во Општина Пехчево и потоа се префрли во реонот на село Будинарци во Општина Берово е локализиран. На теренот се присутни 49 припадници на МВР, осум вработени на ШС „Равна Река“ со две теренски возила со цистерни, осум вработени на ШС „Малешево“ со две теренски возила со цистерни, 3 пожарникари од Берово со едно противпожарно возило, екипа на ДЗС со 7 вработени и едно теренско возило, како и противпожарни тимови од Австрија и од Бугарија.
Во 14:50 часот избувнал пожар на место викано Ладно Долче на еден километар од патот за село Страгово на висромнината Витачево во Општина Кавадарци, каде горела сува трева, во близина на дабова шума. До 16:00 часот пожарот е ставен под контрола, огнот е заобиколен и чади само во внатрешноста. Во гаснењето интервенираа тројца пожарникари со едно противпожарно возило и четворица вработени на ЈП „Национални шуми“ – ПО БОР – Кавадарци со едно противпожарно возило.
Вчера доцна попладне пожар избувна и во атарот на виничкото село Лески, предизвикан од горењето на органските материи на депонијата за комунален отпад, но поради силниот ветер огнот брзо се прошири на блиската нискостеблеста шума на падините на планината Плачковица. Со брза интервенција огнот е ставен под контрола и спречено е негово проширување кон селото Лески и кон буковата шума на Плачковица. На терен беа екипи од Територијалната противпожарна единица од Виница, нивни колеги од Кочани, како и пожарникари од Словенија кои помагаа во гаснењето на пожарите во Малешевијата.












