Пешаци и велосипедисти во координација со здружението „На точак“ денеска преку едночасовна акција на крстосницата на булеварите „Партизански Одреди“ и „8 септември“ ќе се обидат да ја подигнат свеста кај јавноста и да ги повикаат институциите да обезбедат алтернативни велосипедски и пешачки премини кога се изведуваат градежни работи.
Учесниците во акцијата ќе направат жив штит кај крстосницата кај ГУЦ „Здравско Цветковски“ каде се изведува градежен зафат со цел во периодот од 17 до 18 часот да обезбедат безбеден премин за пешаците и велосипедистите преку оваа критичка точка.
Мотивот за акцијата, саркастично насловена „Национален ден на немање безбедна патека при градба“, е долгогодишниот и репетитивен проблем на необезбедување на алтернативни премини за корисниците на пешачките и велосипедските патеки при изведување на градежни работи. Честопати при градежните интервенции се случува овие патеки да се блокираат целосно и во времетраење од неколку месеци, без притоа да се обезбеди алтернатива за движење во тој дел на патеките, велат организаторите.
Според нив, ваквите ситуации ги доведуваат во опасност пешаците и велосипедистите, а државата нема правилници за оваа проблематика.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.