Министерството за информатичко општество и администрација, од денеска на својата веб страна овозможува алатка каде може да се пријави притисок на работно место. Министерството се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување.
„Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавната администрација нема да има! Работиме посветено на обезбедување на администрација која работи професионално и во служба на сите граѓани. Администрација која нема да биде злоупотребувана во служба на партиски цели или лични интереси“, изјави денеска министерот Дамјан Манчевски на прес-конференцијата на која беше презентирана оваа алатка.
Алатката има за цел да послужи како заштита за сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисоци сега имаат лесно достапно место каде да се обратат. Таа ќе овозможи секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работно место. МИОА исто како и за време на кампањата за референдум се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување.
Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитетни согласно Законот за заштита на личните податоци. За ова веќе се превземени соодветни технички и организациски мерки.
М. И.