Амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, предложи „муслиманските земји“ да се откажат од дел од својата земја за да создадат идна палестинска држава.
Во интервју за Би-Би-Си, Хакаби рече дека „муслиманските земји имаат 644 пати поголема површина од онаа што ја контролира Израел“.
„Па можеби, ако постои таква желба за палестинска држава, би имало некој што би рекол, ние би сакале да бидеме нејзин домаќин“, рече тој.
Амбасадорот, исто така, остро ги критикуваше сојузниците на САД, вклучувајќи ги Велика Британија и Австралија, за санкционирање на двајца крајно десничарски израелски министри поради „повторени поттикнувања на насилство против палестинските заедници“ во окупираниот Западен Брег.
Во интервјуто, амбасадорот го нарече решението за две држави – предложена формула за мир меѓу Израел и Палестинците што генерално доби меѓународна поддршка, вклучително и од повеќе американски администрации – „аспиративна цел“.
Решението за две држави предвидува независна палестинска држава во окупираниот Западен Брег и во Газа, со Источен Ерусалим како нејзин главен град. Таа би постоела заедно со Израел.
Во посебно интервју за Блумберг, Хакаби рече дека САД повеќе не ја следат целта за независна палестинска држава.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, подоцна изјави дека амбасадорот „зборува во свое име“ и дека претседателот е одговорен за политиката на САД на Блискиот Исток.
Д. Мишев