Американскиот Сенат вчера го отфрли предлогот на демократите да се спречи претседателот Доналд Трамп во иднина да употреби воена сила против Иран без одобрение од Конгресот, само неколку часа откако Трамп изјави дека ќе размисли повторно да го бомбардира Иран ако збогати ураниум до нивоа потребни за нуклеарно оружје.
Сенатот, во кој доминираат републиканците, гласаше со 53 „против“ наспроти 47 „за“ за резолуцијата за воени овластувања, која ќе бара од претседателот да добие одобрение од Конгресот за понатамошни воени дејствија против Иран.
Пратениците побараа повеќе информации за нападите на САД врз Иран минатиот викенд, како и за судбината на иранските залихи од високо збогатен ураниум.
Членовите на тимот за национална безбедност на Трамп во четвртокот и вчера одржаа брифинзи зад затворени врати за нападите за сенаторите и конгресмените.
Многу демократи изјавија по брифингот дека не се убедени дека нуклеарните капацитети на Иран се „уништени“, како што тврдеше Трамп веднаш по операцијата, пренесе МИА.