Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) соопшти дека проверката на имунизација при влез во објекти не претставува злоупотреба на личните податоци. Овој став на АЗЛП доаѓа по тврдењето на Независната угостителска комора дека со барањето за таква проверка во угостителските објекти би значело кршење на Законот за заштита на лични податоци.
„Владината Одлука од 7 август 2021 г., со која се забранува влез во секаков објект (вклучително и во угостителски објекти), каде што има повеќе од 30 присутни за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан), без приложување потврда за извршена имунизација од вирусот SARS-CoV-2 со најмалку прва доза на вакцина, почнувајќи од 16 август 2021 год., а со која се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација по принципот „приложил или не приложил потврда”, излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и не би претставувала злоупотреба на личните податоци“, укажуваат од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП).
Законот за заштита на личните податоци, појаснуваат од АЗЛП, се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци, согласно Законот, се смета секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување.
“Ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено на тоа излегува од опсегот на Законот за заштита на личните податоци”, објаснуваат од АЗЛП.












