Почетокот на летото 1987 година се доселивме во новата населба која тогаш на големо се градеше во Скопје, со име – Аеродром. Тука некогаш бил аеродромот, затоа и така се вика населбава. Бевме првите станари во блокот со бројот 5. Тоа се два идентични блокови, 3 и 5, со портокалово – црвена цигла, маало попознато и како „Три Бисери“, именувано според култниот ресторан кој е на само стотина чекори од двата блока. Бевме целосно сами во двата блока. Ни булеварот „Јане Сандански“ не беше уште направен. Тука беа ридишта.
Додека го напуштавме Карпош 2 бев многу тажен. Морав да го напуштам друштвото, братучед ми Перо и братучетка ми Сања, потоа, браќата Андекс и Атко, Иле и Коле Бадеви, Влатко дебелиот што живееше над мене и секако мојот најдобар другар Нено. Тоа за мене беше голем стрес, бидејќи во Карпош живеевме како во бајка. Имав само шест години и морав да ја напуштам бајката и тоа за некоја си нова населба на другиот крај на градот во зграда во која уште никој не е вселен.
Можете да замислите како сум се чувствувал.
„Не грижи се. Во населбава каде што одиме да живееме зад зградата тече реката Вардар. Секој ден ќе одиме да фрламе камења, ќе гледаме како тече, ќе ги гледаме рибарите како ловат риба, ќе уживаме во убавините на водата, ќе видиш ќе биде како во бајка“, рече татко ми за да ме утеши и длабоко вовлече дим од цигарата, додека патувавме кон новиот дом сами тој и јас, да однесеме некои работи со нашето црвено Пежо 404.
Потоа ја остави цигарата во пепелникот од колата која догори до краj, а тој не ја ни допре. Веројатно ја заборави. Сигурно и тој тагуваше за промената која ја правевме, но тоа никогаш не ни го покажа. Не го тргнував погледот од цигарата која догоруваше. На крајот од отпушокот со сини букви пишуваше – LORD. Го паметам тоа како да беше денес.
Во Аеродром живееме повеќе од триесет години. Татко ми, мајка ми и сестра ми уште се таму. Јас заминав кога наполнив осумнаесет и речиси никогаш веќе не се вратив да живеам таму. Со мали исклучоци. Да, тоа е мојот дом, моето маало, моето детство, Аеродром е моето се’, но јас веќе одамна не живеам таму.
Додека растевме заедно, населбата и јас, како што и ми вети татко ми пораснавме покрај реката Вардар. Буквално секој ден бевме на неа, јас и моите другари, Марко, Гоксо, Денис, Дуле, Панче, Гузо, Жаре, Иџе … во една прилика дури и напишав:
„Не си од Скопје, ако не си се избањал во Вардар“. Се разбира дека тоа е шега.
Вчера тргнав на ручек кај моите. Се симнав од мостот кај Маџир маало да одам пеш, по кеј. Чекорев бавно, по песочниот дел на кејот. Ги вдишував сеќавањата. Тука, на овој песок се оставени сите воздишки на нашето детството. Од тука па се’ до мостот кај Ново Лисиче. Си мислев, ех, кога рекава би проговорила. Пополека стигнував. И пред да се искачам на угорнината која носи зад зградите на маалото „Три Бисери“, заврна дожд. Силен дожд. Тоа е онаа угорнина на која како деца кога ќе паднеше снег се санкавме сите. Со саати. Со денови. Се засолнив во куќичката на рибарите која се наоѓа веднаш пред угорнината. Двајцата рибари кои оддалеку ги гледав како ловеа и како избегаа од дождот исто така се засолнија тука. Веќе беа седнати. Едниот отвораше вино додека влегував. Точеше во две чаши. Седнав наспроти нив.
„Сакаш?“, ме праша.
„Благодарам“, одговорив, и побарав и мене да ми наточи. Наточи за сите. Неговата чаша ја испи на екс. Веднаш потоа запали цигара и длабоко го вовлече првиот дим и како да нема душа во себе го испушти. Не можев да проценам дали тоа е така бидејќи е страстен пушач или му беше тешко за нешто, но она што потоа го кажа според мене е најсуштественото нешто изустено откако државава е осамосталена. Во три минути успеа да ја врати надежта во мене. Вовлече уште еднаш длабоко и проговори;
„Кога веќе природно ни се погоди да немаме море, а со тоа автоматски немаме и кој знае каков туризам, поточно оној кој го имаме не е на кој знае какво ниво мораме да смислиме како да ги промениме работите на подобро. Мораме.“
„И, ти што предлагаш?“, му вели другиов риболовец на својот пријател.
„Види јас одамна имам една идеја која некако ќе мора да се реализира. Мојот предлог е следен и тоа ќе го напишам како писмо и ќе го доставам до надлежните институции. Пред некој ден размислував колку странци во текот на летото транзитираат со автомобили низ Македонија за да одат на море во Грција, Бугарија, Албанија, Турција. Многу се. Кај нас речиси и да не застануваат. Само поминуваат од тука. Е па ние мораме некако да најдеме начин како да им го земеме вниманието и да ги застанеме тука кај нас. Е, пределите на државава кои водат накај морињата треба да ги направиме да бидат како да си во бајка. Нешто како што е селскиот туризам во Словенија, Австрија, Швајцарија, Германија… Да, да, треба да се направат онакви малечки куќички како во бајките, во најразлични топли бои, тревниците да се искосени и да светат, на нив да има крави и коњи кои пасат, ама средени да се животинчињава, кога ќе минуваш низ планинските предели лиги да ти потечат од што се средени дрвјата, расцветени, поглед да не тргнеш од нив, ресторанчиња на патот, да се направат мини мотелчиња со прекрасни градини, мини хиподроми, замоци, едноставно кога ќе одиш на море и поминуваш низ Македонија да посакаш да застанеш. Да посакаш да останеш подолго одошто си мислел, да останеш тука иако тоа не ти било во план. Кога ќе се враќаш накај дома да речеш: ајде да си одиме ден – два порано да застанеме во Македонија и да поуживаме уште малце во таа убавина. Кога ќе си дојдеш дома каде и да е тоа, Холандија, Чешка, Германија, Австрија … на соседите да им раскажуваш за убавините на Македонија, а не за тоа како си поминал на море. Ова воопшто не е сложено. Само треба да сакаме да ни биде убаво, прво на душата па потоа на сите други полиња“, ја изгаси цигарата во пластичната чашка. Веднаш потоа запали нова.
„Гледам дека си страстен пушач“, рече неговиов пријател, и додаде: „Што пушеше порано за време на Југославија?“
„LORD“, кусо и разочарано одговори човеков.
Веројатно сфати дека бадијала му ја раскажуваше на својот пријател целата оваа приказна… Потоа настапи молк. За помалку од една минута дождот престана. И за уште помалку од една минута огреа сонце. Го испија виното набрзина и се вратија покрај реката. Продолжија со пецањето.
Јас останав уште малку во куќарката на рибарите. И пред заминување гласно, сам за себе изговорив: татко ми беше во право, уште пред триесет години, кога рече дека кејов на рекава навистина е како да си во бајка.