пишува: Зоран Иванов
Заврши уште еден мачен македонски изборен циркус. За малку успешен во однос на уставната норма за излезност. Тоа дава комоција порелаксирано да се прават анализи од разни аспекти. Во оваа, тоа ќе бидат три првично фрлени погледи.
Првиот за бројните навидум ситни, па, сепак, изборни нерегуларности што ги констатираа набљудувачите. Тие на не така мал број изборни места регистрираа нерегуларности кои, сепак, не го делегитимираат процесот, ниту пак на политички поразените им дава можност за негово непризнавање. Сепак, нерегуларности. Тие отсликаа дека и овие избори, како и сите наши досега, не беа баш посакувано скандинавски, кристалнио чисти. Па сепак, беа покоректни од било кои досега.
За волја на вистината, овој пат, како никогаш досега, причината за тоа не беа граѓанките и граѓаните гласачи, па дури ниту партиските активисти. Исто како и многупати досега, тестот на изборната зрелост не го положија институциите. Значителен број граѓани не се најдоа на Избирачкиот список, други не можеле пред шалтерите навреме да си ги обноват личните документи за лична идентификација, трети се соочија со неодговорно однесување на членови на избирачките одбори.
Набљудувачите известија за своеволно напуштање на изборните места од страна на членови на тие одбори, трети за нивно комотно однесување при недостигот на УВ ламби и други неопходни алатки, како составен дел на изборната опрема, на необележени избирачки места и слични, навидум ситни, но сепак, нерегуларности кои не дозволија конечно и овој изборен процес да се нарече кристален и посакувано скандинавски. Нејсе, тоа е едната, онаа надворешна и видливата страна, на овие претседателски избори.
Вториот, оној политичкиот, покажа уште рецидиви од досегашните парламентарни и локални. Покажа одредени партиски примитивизми и во капањата и во реториката веднаш по затворањето на гласачките места. Граѓаните на Северна Македонија повторно беа исправени меѓу изборот на „сега и утре“ со Стево Пендаровски и на „вчера“ со Гордана Силјановска Давкова.
Секако, изборот падна на перспективите што покажува дека македонското општество бавно, но сигурно, демократски зрее. На овие претседателски избори, прагмата и рационалното го надвладеаја историскиот романтизам, а трезвеното граѓанско надвисна над етнонационалното. И со изборот на Пендаровски, на сметка на Силјановска, мнозинството избирачи разрешија две дилеми и го затворија просторот за натамошни манипулации и политизации на двете, во периодов, доминантни теми на македонската политичка сцена.
Нека е наивна, па сепак, првата е дека конечно е срушена психолошката граница за строги етнички поделености на гласачкото тело. Северна Македонија на овие избори „призна“ дека е мултиетничка држава и дека е мултиетничко и мултикултурно општество. Дека со својот глас Албанецот може да му ја даде довербата на Македонецот и дека Македонецот може тоа да го стори за Албанецот без комплекси.
Највпечатлив пример за ваквата констатација е кандидатскиот профил на Блерим Река. Неоптоварен со хипотеките што врз нивните плеќи им ги натоварија крупните и прескапи политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поддржан од релативно скромните партиски опозициски ресурси на Алијансата на Албанците и на Беса, тој со својата скромност, трезвеност, рационалност, со манири на современ европски политичар, со натпартиска и наднационална реторика, ги освои симпатиите на „не етничкиот“ електорат. Ако е така, при ова логично би било прашањето, зошто тогаш тој не беше избран за претседател на републиката. Но, за тоа збор-два подолу во третиот поглед на овие избори.
Засега, факт е дека граѓанската слобода, граѓанската трезвеност, доминантно ја совлада партиската послушност. По овие избори, неоптоварени со партиските диктатури, се чини, конечно е срушена уште една психолошка бариера. Конечно е урната клиентелистичката зависност и клиентелистичката принудна послушност спрема партиските субјекти без оглед на тоа колку тие некому завршиле некоја работа, која и онака, како на член на заедницата, природно му припаѓала. Партиите веќе ја немаат до тој степен моќта да владеат со душите на граѓаните. Овие избори, се чини дека се меѓу оние без списоци за гласачка принуда, без двојни лични карти, без исклучени лифтови, без бесрамните уцени за услуги во минатото и за ветувања за услугите во иднина.
Ниската излезност и во двата изборни круга на 21-ви април и на 5-ти мај на некаков своевиден начин ја манифестираше таа граѓанска слобода на која во иднина, во за нив неповолна ситуација, што се однесува до мотивираноста и до мобилизацијата на избирачите, ќе треба да сметаат политичките партии.
Третиот, за тоа кому сѐ како можност е достапна, а кому е недостапна функцијата претседател на Република Северна Македонија. Или, на пример, зошто најпопуларниот кандидат на овие избори, Блерим Река, не стана претседател или барем не помина во вториот изборен круг. Причината е позната, едноставна и многу проста.
И покрај погоре изнесените перспективни промени во расположението на граѓаните, на теренот и натаму е доминантна партиската контрола врз голем број од гласачите. И натаму е видлива доминацијата на партиите кои својот политички ќар го бараат и сите свои сили и активности ги насочуваат во етнички затворените електоратски кампуси. Од тие, сѐ уште реални неграѓански причини, и натаму егзистира етно изборната мајоризација.
Па, наместо да форсираат нереални тези за тоа дека без Албанците во Македонија е неможно да се избере претседател на државата, наместо да се бараат паритетни нефункционални функции како, на пример, за заменик претседател на држава според етнички клуч, би било порационално, отсега па во времето до наредните претседателски избори за пет години, партиите да се позанимаваат со уставниот модел кој сега го детерминира изборот на првата државна функција. Наместо на непосредни избори, ајде тоа назад во парламентот.
Накусо, наназад во македонската претседателска историја: Само првиот македонски претседател беше избран од пратениците во парламентот. Потоа ни се случија пет непосредни претседателски изборни циклуси. И ни се случи, ниту еден мандат да не отслика независен претседател со доминантно натпартиски авторитет и интегритет и барем елементарно прифатен од сите партиски субјекти.
Во петте изборни циклуси, се редеа Глигоров, Трајковски, Црвенковски и Иванов во два мандати, сите Македонци. Тезава можеби некому ќе зазвучи сурово, но факт е дека и во сите изборни циклуси учествуваа и кандидати Албанци, на пример, а ниту еден од нив не се ни приближи до вториот изборен круг. Етничката електоратска мајоризација, во догледно време, ќе ги насочува изборните резултати кои не се наклонети кон помалите етнички заедници.
Оттука, нужно е институционално отворање на ова прашање навреме, додека тоа не стане политички или, поточно, етнополитички проблем. А сѐ додека на македонската политичка сцена егзистираат и „етнички“ политички партии, прашањето не е затворено со адекватни перспективни граѓански одговори.
Затоа, оваа трета македонска државнотворна етапа по Преспанскиот, можеби е најдобрата прилика за поинаков модел, за поинакви насоки за прашањето за изборот на претседател на Република Северна Македонија. Тој чин да се вгнезди во парламентот, кај пратениците, кај тие народни избраници.
Назад во собранието. Таму без митинзи, без спотови, без ТВ дуели, без уцени, без партиски местенки, без изборна комисија, без фалсификати, без приговори, без управни судови. И без граѓаните. Тие и онака веќе ја делегирале својата волја кај од нив избраните пратеници. Тоа ќе биде можноста за вистински консензуален меѓупартиски кандидат. За етничка еднаквост во шансите за достапност и за оваа највисока државна функција. За избор без национални комплекси, за претседател со доминантен авторитет во најшироката јавност. И поконсензуално, поинтегративно, поедноставно, порационално, поевтино, а ефектно и ефикасно.
7.5.2019
Оваа анализа е подготвена за потребите на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ – Центар за слобода, што е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“.
Фотографија во прилог на текстот: Поставување знамиња, утрото на изборниот ден, 21 април (фотографирал: Џ. Дерала)
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.