Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот, Министерството за економија ќе почне со реализација на мерките за финансиска поддршка согласно Четвртиот сет на мерки кој што го донесе Владата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши во интервју за Телевизија Алфа, потенцираше дека ребалансот на Буџетот не доцни и финансиската поддршка која што ја предвидува Владата во Четвртиот сет навреме ќе стигне кај најпогодените компании и граѓани.
„Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот, Министерството за економија ќе ги објави сите мерки кои што се во наша надлежност, посебно за најпогодените сектори како што се туризмот, хотелиерството, угостителите, занаетчиите“, рече министерот и додаде дека Владата е подготвена да продолжи со нови мерки и после декември, доколку има потреба за тоа, се со цел најпогодените сектори да продолжат да работат.
„Што се однесува до угостителството и во Кризниот штаб и во Економскиот совет и ние како Министерство за економија во моментов не размислуваме за целосен карантин, односно целосно затварање на овој сектор, но тоа ќе зависи од бројот на заразени и од епидемиолошката слика во државата. Секако доколку се случи тоа, ние ќе излеземе дополнително во пресрет на туристичко-угостителскиот сектор како што и беше досега, бидејќи тие беа и се опфатени во сите четири сета економски мерки што ги донесе Владата“, истакна Бектеши.економски мерки.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера изјави дека расправата по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на државниот Буџет за 2020 година, односно вториот ребаланс за годинава, кој според власта е потребен за справување со вториот бран од пандемијата со Ковид-19 и за ефектуриање на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра, ќе продолжи в понеделник во 11 часот во рамки на 20-тата седница.












