За пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, со оглед на ниското ниво на комуникација во Собранието, одложувањето на пленарните седници и да нема пратенички прашања е најразумно решение.
„Нема одлука дека Собранието не работи. Јас како и многу други пратеници сме во Собрание и се спремаме за наредните планерни седници и собраниските комисии. Одложени се пленарните седници за следна недела. Со оглед на ниското ниво на комуникација во Собранието е најразумна. Одложувањето на седниците не значи откажување од барањето за правда во случајот со трагедијата во Кочани. Неколкумина пратеници од наша пратеничка група побаравме формирање анкетна комисија со надворешни експерти. Нема бегање од правдата!“, изјави за ЦивилМедиа Фатмир Битиќи.
Собранието на Република Северна Македонија во понеделникот, 24 март, соопшти дека на координација која се одржа во Сала на Влада во Собранието во присуствуво на претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието консензуално се согласиле дека имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, да се откажат сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари.
Истата одлука Собранието ја донесе и на 17 март, ден по трагедијата во Кочани, каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Во јавноста се јави незадоволство од одлуката донесена оваа недела за продолжување на уште една недела „распуст“ на Собранието.
Д.М.