Пред 20 години Северна Македонија заедно со поддршката на ЕУ и меѓународните медијатори храбро избра компромис и одговорност. На нашиот континент, национализмот и етничките судири пречесто се користат за да се прават поделби и да се сее омраза, меѓутоа плурализмот е богатство и сила, изјави потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во видеопораката на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
Мотото на ЕУ е обединети во различностите, а со договорот токму денеска го одбележуваме лидерството на оваа земја која избра мир како најдобар начин за справување со различностите и водење дијалог, истакна Борел во неговото обраќање на конференцијата „По Охрид“.
Според него, денес сите прашања во земјава се решаваат во јавна дебата и со преговори, постои правичната застапеност во институциите и високите служби, а постои и простор за уште подобрување, како што е поголемо учество на немнозинските заедници во земјата или во образовниот сектор.
Рамковниот договор, додаде Борел, носи придобивки за сите граѓани на оваа земја без оглед на нивната етничка припадност. Тие можат да доаѓаат од различни заедници, меѓутоа оваа земја е нивниот заеднички дом. Ние мора да осигуриме тие да можат да ги остварат своите соништа да живеат во мир, хармонија и просперитет.
„Овој договор и помогна на Северна Македонија да тргне напред на патот кон евроатланстскиот сон и мислам дека тоа може да придонесе кон успехот на овој Договор и да помогне за негово спроведување особено во секретаријатот како и децентрализацијата и реформите во полицијата. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува демократските процеси и економскиот развој на Северна Македонија додека земјата напредува во своето движење кон ЕУ. Иднината на Северна Македонија и целиот Западен Балкан е во ЕУ“, порача шефот на европската дипломатија Борел.