Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, се сретна со Милорад Додик во Будимпешта на 4 септември, обраќајќи му се со „г-дине претседателе“, иако неговиот мандат беше официјално одземен.
Унгарскиот шеф на дипломатијата изјави дека Унгарија ја почитува волјата на народот кој „ги избра своите лидери демократски на изборите“.
Додик повеќе не е претседател на ентитетот Република Српска (РС) во Босна и Херцеговина, по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија, со која му беше одземен мандатот.
Унгарските власти имаат добри односи со Додик, а официјална Будимпешта ги блокираше сите обиди на Европската Унија да го санкционира.
„Веруваме дека ставот кон лидерите на Западен Балкан, што подразбира санкции, отстапки, дека ова не треба да биде решение, не треба да биде однесување што се применува во меѓународната политика“, рече Сијарто.
Тој додаде дека странското влијание на Западен Балкан обично води кон дестабилизација.
Во врска со нелегалниот референдум за пресудата против Додик, кој го планираат властите на ентитетот, тој рече дека ниту тие, ниту Брисел, не треба да кажат каква ќе биде иднината на РС.
Собранието на РС најави референдум за 25 октомври за непризнавање на одлуките на Судот на Босна и Херцеговина, ЦИК и Високиот претставник, иако Уставниот суд на Босна и Херцеговина веќе нагласи дека пониските нивоа на власта не можат да организираат референдуми за државни прашања.