Денешниот говор на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија, како што пренесува Независен.
„На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за повторно преговарање на меѓународните обврски кои веќе се преземени може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, нагласуваат од министерството и додаваат.
„Оваа наша позиција нема да се смени без разлика дали ќе има преодна или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребни провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“, наведуваат од МНР.
Министерството за надворешни работи повторува дека европскиот консензус од летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и Северна Македонија целосно ги оцртува сите чекори за постигнување вистински напредок во процесот на европска интеграција на оваа земја.
„Бугарската позиција е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Тоа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни меѓународните обврски преземени во добро вера. Овој сенароден став нема да се менува“, соопшти бугарското МНР.