пишува: ФРОСИНА РЕМЕНСКИ
8 март за мене никогаш не бил и нема да биде празник на пароли, говори, парфеми, букети и софри.
Верувам дека длабоко во себе тоа го мисли секоја жена која ја има осознаено идејата за моќта на жената во минатото и денес, и својата животна улога во сите прилики и неприлики што ги живеела до сега.
Во што е моќта на жената?
Единствената вредна моќ е владеењето на жената со себе си, а не со другите.
Свеста на жената за сопственото знаење, карактер, храброст, љубов, емпатија, трпение, искушение и развојот е нејзината најголема моќ.
Моќта од знаењето насочено кон промена, правда и добрина е единствената здрава амбиција која ја запишува жената во историјата.
Нејзината трага во времето ќе биде подлабока ако ја предизвикате таа моќ во неа или ако се обидете да ја потцените нејзината способност да настапи “машки”.
Зад животните приказни на големите женски имиња во светот не стојат плакари со градероба, штикли и букети, туку уморни нозе од изодени патишта со препреки, сопки, игнорирано потценувања од други, силна волја да победи, знаење во кое лежи моќта на нејзиниот збор, упорноста да докаже дека може кога другите викаат не , трпение и љубов за сите Луѓе.
Големите жени не мислеле за/на себе кога преземале радикални чекори за промени во општествата во минатото, туку мислеле на нас, на идните генерации жени кои треба да бидат нивните следбенички – секоја борец во својот ринг.
Затоа, баталете ги голите пароли и спотови за “храброст” и лицемерните величења на “моќта на жените”. Туку дозволете им на сите жени да ги извојуваат своите битки и со своето знаења да ги остварат целите за кои се борат и да бидат свои господари и херои за луѓето што ги сакаат и почитуваат. За почеток не ги гушете, исмејувајте и сопнувајте…
Секоја жена е херој за луѓето што ја сакаат и почитуваат !
Секоја жена е непријател за оние кои во неа гледаат моќ !
Секоја жена е моќна кога другите нема да ја мерат на кантар нејзината вредност и тежина !
И на крајот, искрено е да признаеме дека, жената е најголемиот соперник на жената и нејзиниот успех. Без лицемерие молам… Мажите се само попатни симпатични “сојузници” во таквите соперништва.
Затоа жени/девојки, учете да сакате, да почитувате, да прифаќате, да простувате, да учите, да растете, да се борите, да охрабрувате, да помагате и да не потценувате ниту една жена која има своја цел која може да стане и Ваша ако ја препознаете како своја.
Само моќ насочена кон добрина е вредна за славење и парола !
Да ја вратиме вредноста на 8 Март за жените и мажите по нас !