Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во свое и во име на Владата, упати честитка по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, до членовите на Синодот, до свештенството и монаштвото, како и до сите православни верници во нашата земја.
Како што се наведува во соопштението од Владата, во честитката Заев ја изразува желбата во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радоста и почит во духот на празникот на радоста и надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на КОВИД-19.
-Токму кога се соочуваме со исклучително сериозни предизвици, симболиката на најубавиот семеен празник е можност да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да ја почувствуваме топлината на семејниот дом, радоста на заедништвото и љубовта на ближните. Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат, на создавањето дела и вредности достојни за паметење, пишува во писмото по повод Божик премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев со честитките по повод Божик апелира празничните денови да ги славиме во кругот на домот, да покажеме одговорност кон себе, кон своето семејство и кон државата со почитување на препораките за физичко растојание и за носење на заштитна опрема, за да се заштитиме себеси и здравјето на нашите ближни.
-Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани!, порачува во писмото по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети упати честитка до сите православни верници по повод најголемиот христијански празник Божик.
-Посакувам овој Божик да донесе благосостојба и мир во сите семејства што слават и благословениот дух на овој празник да ги допре сите луѓе, изразувајќи желби за посветла иднина за сите нас заедно. Ја користам оваа прилика да истакнам дека Божик е токму моментот кога преовладува солидарноста со оние на кои им е потребна помош и духот да се биде едно со оние што бараат надеж, кулминира. Затоа верувам и сум оптимист дека 2021 година ќе биде една година што ќе тече во оваа насока
и под овој дух, пишува во честитката Ахмети.
Божик, наведува лидерот на ДУИ во честитката, ги обединува семејствата како еден од основните елементи на општеството и ги приближува сите луѓе едни кон други преку вербата во Бога, а истовремено потсетува на благословот што разликите не обединуваат и не прават побогати.
-Изразувајќи ги искрени честитки до секој од вас и вашите семејства, се надевам дека овогодишната прослава на Божик ќе ви донесе добро здравје во вашите домови. Имајте убав празник пријатели, честито, пишува во честитката од Ахмети.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби преку честитка им посака среќен Божик на сите православни верници.
-Дозволете ми, во име на сите нас во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и од мое лично име, да ви посакам среќен Божик и добро здравје и благосостојба на сите вас и на вашите семејства, стои во честитката.
Груби наведува дека верските празници не потсетуваат на тоа колку сме благословени за нашиот
верски соживот, кој што е една моќна основа за нашето општество.
-Одбележувањето на ваквите верски празници не мотивира за поголема посветеност и остварувањето на еден подобар живот за сите нас заедно кои живееме на оваа поднебје. Посакувајќи се најдобро за вас и вашите семејства, во духот на овој голем празник, ние веќе го градиме нашето општество преку заеднички цели за добар соживот и за општество без предрасуди. Ви посакувам среќен Божиќ и посакувам овој празник да ве најде во добро здравје и благосостојба, стои во честитката од првиот вицепремиер Груби.
По повод големиот христијански празник Рождество Христово Божиќ, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски упати честитка до сите православни верници.
„Во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ви го честитам големиот празник Рождество Христово Божиќ со искрени желби за здравје, среќа и успеси во годината што ни претстои.
Денешниот празник како никогаш досега испраќа порака овие свечени мигови, да ги минеме во топлината на своите домови, опркужени со нашите најбилски, за да ја споделиме радоста за Христовото раѓање, но и да го заштитиме здравјето, како нашето, така и на оние околу нас.
Божиќ е празник на љубовта и празник на светлината. Во духот на христијанството да се помолиме, во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството и заеднички да продолжиме да даруваме љубов и поддршка.
Да продолжиме да се почитуваме едни со други, да си помагаме и поддржуваме, затоа што само така ќе обезбедиме подобра иднина за сите.
Нека е честит, благословен и вековит големиот христијански празник – Божиќ! Христос се роди! Навистина се роди!“












