Австриската полиција и натаму трага по најмалку еден учесник во синоќешното пукање во центарот на Виена, што канцеларот Себастијан Курц го опиша како терористички напад. Досега е потврдено дека има четворица мртви, вклучувајќи еден напаѓач, а 17 лица се повредени.
Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека во пукањето загинале двајца мажи и една жена. Полицијата убила еден од напаѓачите, кој носел автоматска пушка и лажен прслук со експлозив. Нехамер го опиша убиениот како исламистички терорист.
„Напаѓачот бил симпатизер на Исламска држава. Полицијата изврши претрес во неговиот дом и заплени видеоматеријали“, изјави Нехамер.
Европската унија остро го осуди нападот во Виена, кој беше опишан како „страшен напад“ и „кукавички чин“.
„Европа остро го осудува овој кукавички чин што ги загрозува животите и нашите човечки вредности. Моите мисли се со жртвите и луѓето во Виена по страшниот напад. Ние сме со Австрија”, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер.
Реагираше и германското Министерство за надворешни работи, изјавувајќи дека не треба да се попушти пред омразата што сака поделба на општеството.
„Иако опсегот на тој терористички акт сè уште не е утврден, нашите мисли се насочени кон ранетите и жртвите во овие тешки моменти“, објави германското министерство.
Нападот го осудија и претседателот на Франција Емануел Макрон, како и италијанскиот премиер Џузепе Конте кои наведоа дека во Европа нема простор за „омраза и насилство“.












