Денеска, во Клуб-ресторанот на МКЦ ќе се одржи хуманитарно книжевно читање и хуманитарна продажба на книги за помош на Даниела Костадиноска.
Семејството Костадиноски, поради долгот за електрична енергија кој достигнал речиси половина милион денари, шест години живее без струја!
На хуманитарниот настан своја поезија и проза ќе читаат триесетина македонски писателки и писатели. Листата на учесници е отворена за сите оние кои сакаат да учествуваат или пак, да донираат свои книги за продажба.
„Црвениот крст и ‘Копче’ се погрижија да добијат облека (семејството Костадиноски), а ние сакаме да помогнеме да собереме финансии за сметките за струја“, стои во повикот за настанот.
Оние кои не се во можност да присуствуваат на хуманитарниот настан, а сакаат да помогнат, можат својата донација да ја уплатат на трансакциската сметка: 300007027670018 во Комерцијална банка, на име – Даниела Костадиноска.