Да не се прават измени во Законот за забрана на пушење. Но, доколку тоа е неопходно, тогаш нека се дозволи пушењето во кафеани, во строго наменски простор за тоа, и со беспрекорна вентилација, со што нема да им се штети на здравјето на другите гости – непушачи! Овие се главно ставовите на граѓанките и граѓаните, што денеска екипата на ЦИВИЛ Медиа ги анкетираше на плоштадот „Македонија“ во Скопје, по најавите за измени на законската регулатива, што пак, предизвика и бурна дебата на социјалните мрежи.
„Секој има право да одлучи дали дома ќе пуши, ќе се труе или не, ама надвор нема право да ги труе другите! Не, не треба да се пуши, затоа што има луѓе кои што не пушат. Освен ако има посебен простор, определен за пушачи, со добра вентилација… Ако се прават измени на законот, тогаш сигурно ќе треба сопствениците да се определат дали ќе биде нивната кафеана за пушачи или не, но веројатно за тоа ќе треба да платат и некоја повисока такса на државата… “, забележуваат дел од анкетираните граѓан(к)и.
Одделни граѓани велат дека и досегашната законска регулатива за забрана на пушење не била почитувана во многу градови и во источна и во западна Македонија.
„Се почитува Законот во кафеани во центарот на Скопје, но ситуацијата на периферијата воопшто не е таква. Има кафеани за кои се знае дека никој не ги контролира“, потенцираат граѓаните.
Новинар: Моника Талеска
Камерман: Дехран Муратов