Верниците од исламска вероисповед во светот и во нашата земја, денеска го слават Фитер Бајрам, празникот на солидарноста кој доаѓа по 29-дневниот пост, месецот Рамазан.
Годинава празникот верниците го прославуваат во посебни услови со оглед на состојбата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, но суштината на празникот и натаму останува солидарноста.
По завршувањето на утринската молитва, верниците седнуваат на семејна трпеза на заеднички појадок и си го честитаат светиот празник Фитер Бајрам.
Ден пред празникот или на последниот ден од постот на месецот Рамазан, според исламскиот календар, верниците дават „фитри“, подароци на сиромашните, немошните, болните, учениците, џамиите или другите места одредени според верските правила. Делењето на „фитрите“ го симболизираат солидарниот карактер на овој празник.
Познат поинаку и како Голем Бајрам или Рамазан Бајрам, овој празник во Северна Македонија е државен празник и неработен ден за сите граѓани. Оџите во сите џамии држат и предавања во кои доминираат повиците за солидарност, мир, спокој, лубов, верба во Господ и меѓусебно почитување.
Спокој и мир во душата, љубов и почит кон другиот и слобода на умот! ЦИВИЛ им го честита Фитр Бајрам на сите граѓанки и граѓани што го чествуваат овој празник.