„Стани во недела порано и приклучи ни се да кажеме гласно – Не! на уништувањето и едно големо – Да! за зелено Водно. Водно ни треба на сите нас, а ние на Водно му требаме сега!“, стои во повикот на повеќе граѓански еколошки организации и иницијативи, кои во недела од 8 часот организираат собир „Дојди за Водно“. Собирот е најавен кај полициската станица во подножјето на Водно.
Целта на собирот е да се упати силна порака до надлежните институции – „Да за гасоводот, но не преку Водно“. Активистите и екологистите бараат стопирање за градежните активности во парк-шума Водно, но, исто така, парк-шумата неодложно да добие статус на заштитено подрачје.
„Сите кои го сакате Водно, непрекопано и без непотребни градби и штетни проекти, дојдете на закажаното место, каде ќе биде и стартот на трката Водно-Матка trail marathon – Навивај на планинскиот маратон Водно-Матка. Ние не велиме – не на гасоводот, ние велиме – не за трасата на гасоводот преку целата должина на Водно! Кажуваат дека така е најефтино, но дали шумата на Водно и нашето здравје имаат цена? И до кога за сметка на природата и здравјето ќе се гради и ќе се уништува? Да ги заштитиме белите дробови на Скопје, кои му се сега најпотребни! Биди и ти воднољубец!“, стои во најавата за собирот.
Собирот е поддржан од: Спас за Водно, Стоп на загадувањето, О2 Коалиција за чист воздух, Ние сме Карпош 4, За Спас на Кисела Вода!, Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – „Воздух сега!“, Skopje Smog Alarm, Скопје бара чист воздух/ Shkupi kërkon ajër të pastër!, Граѓанска група Карпош 3, Зелено Тафталиџе, Green Power.
Д.М.