Неуспехот на фронтот не и дозволува на Руската Федерација да одреди конечен датум за таканаречениот „референдум“ за приклучување на марионетската псевдоформација „ДПР“ кон Русија, соопшти Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во последното известување за ситуацијата во Украина, пренесува Укринформ.
„На 11 август 2022 година, руските медиуми објавија дека Денис Пушилин, шеф на таканаречената Народна Република Доњецк (ДПР), рекол дека датумот на референдум за приклучување на ДПР кон Русија ќе биде објавен по „целосно ослободување“ на ДПР. Претходно, во јуни 2022 година, истражувачките новинари објавија докази за стратегијата за планирање на ДПР за спроведување на таков референдум и за обезбедување дека најмалку 70 отсто од гласовите се за приклучување кон Русија“, се вели во извештајот.
Британското Министерство за одбрана вели дека веројатно е дека Русија е во напредна фаза на планирање за одржување референдум, иако не е јасно дали конечната одлука да се продолжи со гласање сè уште е донесена.
„Кремљ најверојатно ќе го согледа неуспехот на војската да ја окупира целата Доњецка област досега како назадување за неговите максималистички цели во Украина“, се вели во извештајот.
Претходно британското разузнавање соопшти дека Русија формира нов армиски кор за продолжување на војната во Украина.
Подготви: Д.Мишев