Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Јас, Јове Кекеновски, од денес во мојот вокабулар го воведувам во употреба терминот „политички геноцид“ како нов концепт за опишување на системската, институционална и политичка агресија врз идентитетот на еден народ. Се надевам и сигурен сум дека овој нов термин во најскоро време ќе го најде своето место и во меѓународното право.
Дефиниција: Политички геноцид претставува систематска злоупотреба на политичка моќ, институции и меѓународни платформи со цел да се негира, избрише или редефинира националниот идентитет на одреден народ, без физичко уништување, но со долгорочни притисоци врз неговото културно, јазично и историско опстојување, како и негирање на неговото право на самоидентификација.
Образложение: Овој процес не подразбира физичко уништување, туку идеолошко и духовно обезличување на цели народи, преку говор, дипломатски условувања, историски ревизии и политички и други притисоци. Овој термин го формулирам како одговор на повеќедецениското негирање на македонскиот народ, јазик и идентитет, како и обидите за препишување и преиначување на македонската историја.
Македонскиот случај не е изолиран, ова е проблем за сите мали народи и нации чиј право на постоење не им одговара на одредени политички сили.
Затоа повикувам:
- На јавно признавање и дискусија за терминот „политички геноцид“.
- На морална и правна заштита од ваков тип идентитетска агресија.
- На свесност дека насилството врз еден народ не секогаш доаѓа со оружје и физичка сила, туку, за жал, честопати преку говор, молив, платформа и дипломатија.
Со ова ја започнувам јавната промоција на терминот „политички геноцид“ и стојам зад неговото понатамошно развивање во јавниот и правниот дискурс.
*
Мојата дефиниција ќе биде разгледана и усвоена на Меѓународен симпозиум на критичари (Во организација на Меѓународно кривично право на Србија) во Белград, октомври 2025.