Денот на жалост за Махса Амини, младата жена чија смрт предизвика масовни протести во Иран, вчера беше нарушен со насилство откако безбедносните сили нападнаа и пукаа врз демонстрантите во делови од земјата, според извештаите на медиумите, групите за човекови права и видеата објавени на социјални медиуми, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Безбедносните сили ги нападнаа демонстрантите со солзавец, ги тепаа со палки и на некои места, како Техеран, Шираз, Казвин и Сагез, отворија оган врз нив со пелети, боја и гумени куршуми, покажаа видеата. Некои од толпите во главниот град возвратија, бркајќи ги безбедносните сили и палејќи ги нивните мотоцикли.
Големи толпи на улиците ракоплескаа и пркосно ги извикуваа мантрите на демонстрантите: „Жени, живот, слобода“ и „Ќе се бориме и ќе го вратиме Иран“. Во главниот град Техеран, жените ги фрлаа марамите на огнови на улица, извикувајќи „Слобода! Слобода!“ И на многу места, демонстрантите го осудија врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи и скандираа за неговата смрт и смена.
Во Шираз, град на југот, државните медиуми објавија дека најмалку двајца вооружени напаѓачи отвориле оган во толпата во џамијата Шах Чераг, значајна туристичка атракција, при што убиле 15 лица, меѓу кои две деца, а раниле 40. Владините претставници го нарекоа терористички напад од странци, а одговорноста ја презеде Исламската држава.