Британскиот премиер Борис Џонсон преку Твитер го осуди денешниот бомбашки напад врз детска болница и породилиште во Мариупол, пренесува информативната агенција МИА.
„Има малку работи што се порасипани отколку да се напаѓаат ранливите и оние без одбрана“, напиша Џонсон во твитот.
Тој кажа дека Велика Британија истражува како да обезбеди поголема поддршка за Украина во одбраната од воздушни напади.
Ќе се погрижиме Путин да биде одговорен за неговите ужасни злосторства“, додаде Џонсон, кој на хаштагот на твитот додаде „Путин мора да не успее“.
Градскиот совет на Мариупол соопшти дека во денешното руско бомбардирање била уништена детската болница.
„Руските окупаторски сили фрлија повеќе бомби врз детска болница. Уништувањето е огромно“, јавија градските власти поткрепувајќи го кажаното со водео снимка.
Со итна реакција се јави и претседателот Володимир Зеленски. кој го оквалификува рускиот воздушен напад како „ѕверство“
„Мариупол. Директен погодок на руските сили врз породилиште. Децата се под урнатини. Злосторство! Уште колку светот ќе биде учесник и ќе го игнорира овој терор? Затворете го небото сега! Запрете го убивањето! Имате моќ, но, се чини, дека ја изгубивте човештината“, порача Зеленски.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика меѓународните партнери да и обезбедат авиони на Украина откако руски воздушен напад погоди породилиште во Мариупол.
„Ужасно воено злосторство во Мариупол. Цел на руски воздушен напад беа болница и породилиште. Можевме да го запреме ова варварство со заштита на нашето небо. Во име на хуманоста, обезбедете ни авиони, сега! Животите се губат додека ова се разгледува одново и одново, напиша Кулеба на Твитер.
Како што беше соопштено претходно денеска во руски воздушен напад врз Мариупол уништено е породилиште, болница, како и детски и терапевтски одделенија. На местото на несреќата остана кратер со дијаметар од повеќе од 10 метри.