Иселениците од Европа и Обединетите Арапски Емирати кои гласат еден ден пред гласањето во земјава, во сабота покажале голем интерес за вториот круг на претседателските избори. Тие го надминале потребниот цензус за избор на новиот претседател на државата излегувајќи пред гласачките кутии со 46,16% од вкупно 1.781 регистрирани гласачи од дијаспората, односно вкупно гласале 724 лица.
Според податоците кои ги објави портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска, најголема излезност до 19 часот има во Сараево со 78,57 проценти, Букурешт со 64,29 %, Брисел 63,27 %, Берлин 63,16%, додека најниска излезност има во Рим со 28 % и Абу Даби со 20 %.
Во овие бројки не се вклучени податоците од САД и Канада каде, заради временската разлика, гласањето започнува подоцна.
„Сѐ уште се отворени 6 гласачки места во САД и Канада. До 19 часот, според информациите од избирачките одбори, вкупната излезност на гласањето во странство изнесува 724 гласачи, односно 46,16%. Во оваа излезност, поради временската зона, не се вклучени шесте избирачки места во САД и Канада”, изјави Гугучевска.
Арбен Зеќири
фотографија во прилог на текстот: Љупка Гугучевска, ДИК (од Б. Јордановска/ЦИВИЛ)