Државната изборна комисија, во соработка со Националниот демократски институт (НДИ), денеска ќе ги посети општинските изборни комисии во Дебар, Охрид и Ново Село, а ќе има и кратки средби со кандидатите за градоначалници на овие општини, односно нивни овластени претставници.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху и членот на ДИК Енвер Салихи, заедно со директорот на НДИ, Крис Хеншоу, ќе ја посетат Општинската изборна комисија во Дебар и ќе се сретнат со овластени претставници на кандидатите за градоначалник, додека во 14:30 часот ќе ја посетат Општинската изборна комисија во Охрид и ќе се сретнат со кандидатите за градоначалник на Охрид.
Членовите на ДИК Елизабета Постоловска и Јанаќе Витановски и генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев, заедно со претставник од НДИ, во 11 часот ќе ја посетат ОИК Ново Село и ќе остварат средба со кандидатите за градоначалник.
Предвремените локални избори во овие три општини се распишаа по ненадејната смрт на градоначалниците на Охрид и Дебар и инволвираноста на градоначалникот на Ново Село во шверц со цигари.