Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во најкраток можен рок да го достави извештајот од увидот до општинскиот кризен штаб за околу состанокот во овој град на кој присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми.
Увидот на инспекторите за евентуални пропусти и одговорност следуваше откако претставниците на владата завршија во изолација бидејќи не знаеле дека Димитриевски и други членови на штабот во Куманово биле тестирани, а потоа се воспостави дека биле позитивни на ковид-19.
Димитриевски реагира дека од вестите на ТВ Телма дознал дека извештајот е готов и е доставен до Министерството за здравство и МВР и затоа бара директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, во најкус можен рок да го достави до Општината и до сите засегнати страни.
Тој на социјалните мрежи пишува дека го зачудува некоординираноста и меѓусебната неинформираност во Министерството за здравство и органите под негова надлежност и потенцира дека членовите на кумановскиот штаб се тестирани три дена пред состанокот на барање на епидемиолог од Министерството кој е и придружен член на штабот.
Понатаму посочува дека дополнителното тестирање го направил по сите протоколи заедно со уште еден член на штабот. И во двете приватни здравствени уставови тие биле негативни.
По таквите резултати, тој тврди дека веднаш разговарал со Филипче и барал објаснување, но и до овој момент не добил.
Дека извештајот од увидот за случајот со Куманово е готов беше соопштено уште вчера беше потврдено на прес-конференцијата на која зборуваше директорката на ДСЗИ, како и од страна на министерот за здравство.
Филипче посочи дека го видел деталниот извештај, имало пропусти, но не сакаше да коментира додека прво не се консултира со МВР со цел да не го загрози случајот.
Тој вчера зборуваше и за резултатите од тестовите на Димитриевски.
првите тестови на Спасовски, Османи, Филипче и Адеми, кои беа направени по околу една недела изолација, се покажаа негативни, но тие остануваат во домашна изолација до итекот на предвидените 14 дена.












