Претходниот претседател на ССМ, Живко Митревски преку буџетот на Сојузот си ги плаќал: киријата за стан, иако има стан во Скопје; трошоците за комуналии и хигиеничарка; сметките, како и двајца возачи за двете службени возила, објави денеска новото раководство на Синдикатот.
„Кога го прочитав овој договор се фрапирав, вакво нешто нема ниту претседателот на Америка. Ние сите претседатели на синдикатите, никогаш не сме потпишале ваков договор. На овој договор се потпишал доскорашниот секретар кој е сега во пензија, Ангелко Ангелковски. Покрај Митревски, кривична пријава ќе следува и за Ангелковски! Уште поскандалозно е тоа што во сефот се пронајдени 4 пиштоли со 80 куршуми, што во досегашниот попис ги нема. Денес е пронајден уште еден пиштол со куршуми! За што служеле пиштолите, не знаме“, вели Дарко Димовски, новиот претседател на ССМ.
„Живковски има дури двајца шофери, еден шофер го користел во Битола, еден во Скопје, тоа го нема ни Заев, претседателот на Владата, ниту претходниот премиер Груевски. Обезбедување – не знаеме колку има“, изјави Пеце Ристевски од СИЕР.
Како претседател на Сојузот, Митревски примал плата од 50 илјади денари, 10.000 денари како член на Фондот за пензиско осигурување, 12 илјади денари за одвоен живот, и како член на Извршниот одбор на ССМ, си препишал себеси, по 3.000 денари месечно. „Посрамно не може да биде. Да можел денар екстра да го земе, ќе го земел“ вели Ристевски.
Новото раководство на ССМ против Митревски најавува серија на кривични пријави, дел за фалсификување на документи, а дел – за злоупотреба на службената положба. Како што велат оттаму, тој сам одлучувал за сите трошоци како реновирање на простории во зградата на ССМ, што е спротвно на Законот. Во меѓувреме, Митревски формирал нова синдиклана организација наречена „СТОЛБ“, а со тоа, како што велат од ССМ, сакал да направи раздор кај синдикалците.
„Митревски заедно со неговиот пајташ, поранешниот министер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, формирале синдикална организација ‘СТОЛБ’, ама јако име, и тоа синдикално здружение има 4 членови во моментот“, вели Пецо Грујовски од УПОЗ.
Димовски истакна дека Митревски треба да престане да ја манипулира јавноста. „Ние не сме подружница на никоја власт, ние сме синдикалци со чиста синдикална крв“, додаде в.д. претседателот Димовски.
На прашањето, каде ќе биде распореден сега Митревски, Димовски одговори: „Во Бирото за вработување како невработено лице, бидејќи ако некој не се појави неоправдано на работа три дена, тогаш му престанува работниот однос“.
Текст и камера: Дехран Муратов