Министерството за внатрешни работи соопшти дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детални проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес по сите настани кои биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева.
Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите.
Врз основа на извршените проверки поднесен е предлог за поведување на дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамки на нивната надлежност, соопштија од МВР.