Државната комисија за спречување корупција изнесе податоци од анкетните листови за имотната состојба на дел од избраните пратеници, меѓу кои и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Апасиев во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а навел и кредит во банка од 3,46 милиони денари подигнат во 2016 година. Тој исто така навел и автомобил алфа ромео кој припаѓа на неговиот брачен другар, а вреди 155.000 денари.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски пријавил автомобил од марката „ауди“ во вредност од 1.75 милиони денари, како и „буба“ на брачниот другар во вредност од 430.000 денари. Меѓутоа, тој на негово име нема недвижен имот.
Иванка Василевска, професорката која стана пратеник како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, има два кредита од лани од кои едниот од 1,2 милиони денари и другиот од 50.000 евра. Има два стана во Сопиште со вкупна вредност од 7,5 милиони денари, а кај брачниот другар пријавила три возила од кои мотор Јамаха, Нисан X треил и Цитроен Ц3 – сите во вредност од 2.050.000 денари.
Јован Јаулески, доскорешниот претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, од личен имот пријавил само депозит од 2.500 евра и автомобил голф 5 произведен во 2004, но го купил на старо во 2015 и вреди 200.000 денари.














