Државната комисија за спречување на корупцијата денеска одлучуваше по три приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ против диреткорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Општина Куманово и градоначалникот на Општина Шуто Оризари.
ДКСК одлучи да покрене прекршочна постапка против директорот на АХВ заради повреда на одредбата „8 а“ од Изборниот законик со донесување на решение за престанок на работен однос на вработен по денот на донесувањето на одлуката за распишување на претседателските избори. За прекршокот е предвидена глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
ДКСК смета дека има повреда на членот 36 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во случајот против Општина Куманово за дозволување на користење на салата на Советот на општината за предизборни средби на кандидатот за претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. ДКСК од претставката утврди дека не се работи за објект во сопственост на општината, туку за имот на Република Македонија доделен на користење на општината во 2006 година за кој се води судска постапка за утврдување право на сопственост меѓу СДСМ, ССМ и Здружението на борците. Комисијата и препорача на општината да ја уреди сопственоста.
Против градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш за злоупотреба на службено возило во предизборна кампања во општина Крива Паланка, ДКСК не покрена постапка. Според нив од приложените докази не може да се утврди кога се случил настанот, дали бил дел од кампања и дали возилото е на општината бидејќи не му се гледаат табличките.
Не беше покрената постапка и против градоначалникот на Велес Аце Коцевски за асфалтирање улица во велешкото село Црквино за време на кампањата. Комисијата заклучи дека етиката и моралот не се во нивна надлежност и дека нема основа за покренување постапка.