Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) да му се одземе мандатот како претседател на Република Српска,. Ова значи дека Додик официјално повеќе не е на функцијата, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.
ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна или потврдена од Апелациониот оддел на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не ја извршува функцијата претседател на РС.
Иако адвокатите на Додик тврдеа дека постојат законски причини одлуката да биде поништена, судот ја отфрли нивната жалба. Со ова се отстрани последната пречка за распишување предвремени избори во ентитетот Република Српска.
Сепак, порано денес, Додик од Бања Лука објави дека референдум ќе се одржи на крајот на септември, на кој граѓаните на РС треба меѓудругото да одговорат дали ја признаваат пресудата со која тој е отстранет.
Во истото обраќање, Додик рече дека нема да има предвремени избори во РС, иако сега е јасно дека ЦИК ќе биде обврзана да ги распише.
Покрај тоа, тој најави втор референдум во рок од 90 дена од првиот, овој пат за отцепување на ентитетот, нешто што Додик го повторува со години, но досега никогаш не го спроведе, пишува Klix.ba.