Северна Македонија точно пред една година го официјализираше членството во најголемиот воено-политички сојуз, Северноатланската алијанса. Во вонредни околности, во услови кога светот се соочи со пандемијата на Ковид-19, на 27 март 2020 година во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД, Вилма Петковска на амеиканскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.
Со официјализирањето на членството, Северна Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година. Само три дена подоцна, на 30 март лани, знамето на Северна Македонија беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.
Зголемена безбедност, подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подигнување на животниот стандард се дел од придобивките кои Северна Македонија ги очекува од членството. Официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија, на закана за светската економија, но очекувањата се дека по завршувањето на кризата позитивните трендови ќе се рефлектираат во македонското општество и бидат видливи пред се во економијата.
По повод годишнината во земјава пристигна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој вчера имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува значителни придонеси за Алијансата, порача Бурк по вчерашните средби.
На заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Бурк напомена дека престои затворање на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, што како што кажа е горчливо-сладок момент.
– Ние го прославуваме затворањето на Канцеларијата бидејќи тоа го одбележува успешното завршување на мисијата на Канцеларијата, бидејќи Северна Македонија веќе стана полноправна членка на НАТО, додаде Бурк.
Шекеринска истакна дека експертизата и посветеноста на сите членови на тимот на Канцеларијата за врски на НАТО во изминатите две децении беа од огромна полза за одбраната, армијата и државата. Таа додаде дека заедничката мисија во изминатите години веќе е успешна, затворањето на Канцеларијата за врски означува успешно завршена работа, а Северна Македонија е сојузник кој може да се развива и да придонесе кон колективна безбедност на Алијансата. Министерката потенцира дека Северна Македонија како членка на Алијансата додаде нова вредност на значењето на НАТО за безбедноста во нашиот регион, со учество директно во силите на КФОР на Косово, кои се токму под капата на сојузничката команда во Неапол.
Тој го потенцираше и придонесот на земјава во однос на приоритетите на Алијансата во справувањето со безбедносните закани и предизвици. Во тој контекст, Османи го истакна значењето што Алијансата го придава на борбата против тероризмот и преземените натамошни активности за справување со оваа закана и изрази поддршка на стратешките предлози во врска со натамошниот концептуален развој на иднината на Алијансата содржани во НАТО 2030.
Членството значи и учество во процесот на донесување одлуки. Досега министрите за одбрана и за надворешни учествуваа на повеќе состаноци на Северноатлантскиот совет (САС), највисокото одлучувачко тело на НАТО, но овој во Брисел беше прв со физичко присуство од почетокот на падемијата.
Процесот на донесување одлуки во НАТО се заснова на консензус, што значи дека секоја одлука на НАТО е израз на заедничката волја на сите 30 земји-членки. Највисоко одлучувачко тело во НАТО, САС, со кое претседава генералниот секретар се состанува три пати годишно на ниво на министри за одбрана и два пати на ниво на министри за надворешни работи.
Да се биде рамноправен со 30-те најмоќни во светот, како што рече Османи, не е само лична сатисфакција, туку гордост за сите наши граѓани. – Не е тоа само симболична разлика, туку суштина на нашиот напредок како држава: наместо како досега, кога за нашите прашања се разговараше на состаноци на кои информациите ги дознававме од нашите колеги, сега сме присутни на масата, директно да учествуваме и да го претставиме нашиот став за сѐ она што се случува во светот, порача Османи на состанокот во Брисел.
Честитка за првиот роденден на Северна Македонија како членка во НАТО на состанокот оваа недела упати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Многу сум горд што го славиме првиот роденден од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и му честитав на министерот за надворешни работи денеска на состанокот, ова е добро за Северна Македонија и добро за сите сојузнички на НАТО, порача Столтенберг, заблагодарувајќи се за придонесот на македонските воени сили во операциите на Алијансата ширум светот и посебно во Авганистан.
Официјализирањето на членството не значеше и крај на работата во насока на целосна интеграција на земјава со НАТО стандардите. Процесот целосно се очекува да заврши во ноември оваа година, е амбициозен рок, но се оптимисти дека ќе биде постигнат. Интеграцијата, додаваат од МО не е само воена, НАТО освен воен сојуз е и политички сојуз, што се темели на вредностите на демократијата, слободата, владеењето на правото и почитувањето на јавната дебата.
За интегрирањето на воените сили согласно НАТО стандардите, од МО нагласуваат дека на ова поле се работело и пред официјалното членство – зголемувањето на примањата на припадниците на Армијата, првпат сите припадници добиле бенефициран стаж, обезбедени се повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, докторите, критичните специјалности, јубилејни награди, воведени се најдобри услови за пензионирање со десетте најдобри години, нови униформи и чизми, спроведени реконструкции на објекти и инстраструктура на Армијата…
Армијата е долгогодишен учесник во мировните мисии, особено оние предводени од Алијансата. Во Авганистан е од 2002 година, а во еден период Северна Македонија беше и четврта земја придонесувач во оваа мисија, според бројот на жители. Македонските војници остануваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, првпат со свои војници придонесува во силите КФОР на Косово, а со свои припадници учествува и во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и во мисијата на Унијата во Централноафриканската Република. Продолжува со свои припадници да биде дел и од мисијата УНИФИЛ во Либан, под капата на Обединетите Нации.
Во однос на буџетот и достигнувањето на целта од Самитот на НАТО во Велс, два отсто од БДП да се одвојува за одбраната и тоа да го оствариме до 2024 година од МО велат дека трошоците за одбраната растат, според предвидените проекции. Оваа година буџетот за одбрана ќе достигне 1,57 отсто од БДП, односно над 11 милијарди денари.
Мотото еден за сите, сите за еден земјава го реализира и преку ставање на располагање на домашните капацитети во служба на НАТО. На армискиот полигон „Криволак“ веќе е зголемен маневарскиот простор. Пробиени се нови 33 километри пат од страната на Штип, обновени 17 километри постоечки патишта и оформена е обиколница околу целиот полигон. Планирана е обновата на патната инфраструктура да заврши пред почетокот на вежбата „Одлучен удар 21“, во мај оваа година, каде се очекува да земат учество околу 2 000 војници од Армијата на Република Северна Македонија и од армите на САД, Бугарија и Грција.
Со членството се отвора НАТО пазарот за нашите компании, земјава има пристап до НАТО фондовите, како и можност домашните компании да учествуваат на јавните набавки на Алијансата , кои во 2019 година изнесувале над 5,2 милијарди евра. МО воспоставува Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот, замислен како мала, ефикасна, агилна структура во која ќе работат неколкумина вистински професионалци, кои ќе им даваат насока и ќе им бидат поддршка на компаниите до овој голем пазар, што сериозно може да влијае на развојот на македонската економија.
На официјализирањето на членството претходеше период на ратифицирање на Протоколот за пристапување од страна на земјите-членки. Протоколот за девет месеци го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а ратификацијата во шпанскиот Парламент се оддолжи поради изборите во Шпанија. Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари лани со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот беше донесен со одложено дејство и се чекаше ратификацијата во Шпанија, која беше комплетирана на 17 март 2020 година.
Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година, а најблиску до НАТО бевме во 2008 година на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името. Откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за НАТО се отвори и за нешто повеќе од една година, по потпишувањето на Протоколот на 6 февруари 2019 година, Северна Македонија лани на денешен ден и официјално стана дел од евроатлантското семејство.