Украинската нуклеарна централа Запорижја остана без својот последен извор на надворешно електрично напојување поради новото гранатирање и сега се користи од помошни генератори, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Електраната што Русија ја окупира и ја прогласи за нејзина сопственост „ја добива електричната енергија потребна за ладење на реакторите и за други функции важни за безбедноста на електраната и за нуклеарната безбедност“ исклучиво благодарение на дизел генераторите, додаде агенцијата на ОН во соопштението.
Врската беше прекината околу 1:00 часот по полноќ по локално време, додаде МААЕ, која соопшти дека се потпира на „официјалните информации кои доаѓаат од Украина“ и „на извештаите од својот тим“ од четворица експерти во најголемата нуклеарна централа во Европа.
Континуираното гранатирање во кое е погоден единствениот извор на надворешно напојување на централата е крајно неодговорен чин“, реагираше генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси. „Наскоро ќе отпатувам во Руската Федерација, а потоа ќе се вратам во Украина за да се договориме за воспоставување заштитна и безбедносна зона околу електраната. Тоа е апсолутен и итен императив“, посочи Гроси.
Украинскиот оператор Енергоатом рано утринава на Телеграм напиша дека „последниот далновод е оштетен и отсечен“ поради руското гранатирање. Иако шесте реактори не работат, потребна им е електрична енергија за нивните главни безбедносни и нуклеарни функции.
Дизел генераторите во електраната имаат доволно гориво за најмалку десет дена работа. Гроси беше во Киев, каде што разговараше за воспоставување безбедносна зона околу електраната, која редовно е мета на артилерија, која од август веќе предизвика неколку прекини на електричната енергија, за што меѓусебно се обвинуваат Русите и Украинците.