Европската комисија денеска во виетнамскиот главен град Ханој во името на ЕУ ја потпиша Конвенцијата на ОН за борба против кибер криминалот, чија цел е зајакнување на меѓународната соработка за борба против кривични дела извршени преку системи за информатичка и комуникациска технологија и за споделување докази во електронска форма за сериозни кривични дела.
– Борбата против кибер криминалот е приоритет за ЕУ. Кибер криминалот не познава граници, може да создаде прекин на основните услуги, финансиски загуби за поединци и бизниси и може да компромитира лични и чувствителни информации, соопшти ЕК.
Во соопштението се додава дека Конвенцијата ќе ја подобри способноста на ЕУ да се бори против кибер криминалот заедно со меѓународните партнери, овозможувајќи соработка и со оние 115 земји членки на ОН кои не потписнички на Конвенција за кибер криминал од Будимпешта, со што се пополнува оваа празнина во борбата против овој криминал од глобални размери.
– Конвенцијата поставува глобални стандарди за спречување и за борба против кибер криминалот и ја засилува меѓународната соработка во оваа област, истовремено обезбедувајќи ефикасна заштита на основните права. Таа ги криминализира штетните дела, вклучувајќи сексуална злоупотреба на деца, онлајн измами и хакерски напади со цел наплата на откуп. Вклучува и мерки за екстрадиција на осомничени, за размена на електронски докази, како и за криминализација на кибер дела. Исто така, ја поддржува и соработката меѓу органите за спроведување на законот и го зајакнува градењето капацитети низ целиот свет, се додава во Соопштението.
Конвенцијата на ОН за борба против кибер криминалот беше усвоена од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 24 декември 2024 година. Советот на ЕУ на 13 овој месец ја овласти Комисијата да ја потпише Конвенцијата во името на Унијата. Согласно процедурата во ЕУ, Конвенцијата сега треба да биде ратификувана од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Конвенцијата ќе стапи во сила откако ќе ја ратификуваат најмалку 40 нејзини потписнички, пренесе МИА.












