Набљудувачката мисија на Европската унија (ЕУ НМИ) објави дека оваа мисија ќе опфати над 100 набљудувачи распоредени на терен кои ќе го следат изборниот процес во Косово, што ќе се одржи на 9 февруари.
„Во моментот на изборите ќе има над 100 набљудувачи на изборите во Косово кои ќе бидат распределени на терен. Мисијата на ЕУ е единствената полноправна меѓународна мисија за набљудување на изборите со долгорочно присуство која ќе ги набљудува парламентарните избори во Косово оваа година. Тимот веќе пристигна овде пред една недела, оваа недела пристигнав во средата“, изјави шефица на Мисијата на ЕУ, Натали Лоазо на прес-конференција.
За овие избори сертифицирани 28 политички субјекти со 1.280 кандидати.
На гласачкото ливче граѓаните ќе можат да изберат политички субјект и до десет кандидати за пратеници. Ова е промена по донесувањето на новиот Закон за избори. Во минатото, граѓаните имаа можност да изберат најмногу пет кандидати.
Секоја сертифицирана партија може да има до 110 кандидати на изборната листа.
Од овие листи ќе се избира новиот состав на Собранието со 120 пратенички места, а пратениците потоа ќе ја изберат новата Влада. Актуелната влада на Косово ја предводи Албин Курти, лидерот на движењето Ветевендосје.
За разлика од претходните избори, кога изборниот молк започнуваше ден пред гласањето, со овогодинешните законски измени, молкот сега ќе започне една минута пред отворањето на избирачките места – во 07:00 часот – и ќе трае до нивното затворање 09 февруари 19:00 часот, што значи дека изборниот молк ќе трае само во текот на 12-те часа гласање.
Ова ќе бидат првите редовни избори во Косово по прогласувањето на независноста во 2008 година. Досега во земјата се одржани голем број предвремени избори.
Д. Т.