Европската Унија, САД и Велика Британија се очекува да го потпишат првиот меѓународен договор за правно регулирање на технологиите базирани на вештачка интелигенција, јави весникот „Фајненшл Тајмс“.
Брисел, Вашингтон и Лондон се очекува денеска да ја потпишат конвенцијата на Советот на Европа за вештачка интелигенција, која ги нагласува човековите права и демократските вредности во нејзиниот пристап кон регулирањето на системите на јавниот и приватниот сектор.
Конвенцијата, која има правно обврзувачки карактер, се подготвувала повеќе од две години. Во нејзиното создавање учествуваа повеќе од 50 држави, меѓу кои Канада, Израел, Јапонија и Австралија, дополнува „Фајненшл Тајмс“.
Државите кои сакаат да го потпишат меѓународниот договор имаат можност да го сторат тоа од денеска, 5 септември, во Вилнус, главниот град на Литванија, пренесе МИА.