Белоруските власти вчера го принудиле авионот на „Рајанер“ кој летал од Грција за Литванија, да слета во Минск со цел апсење на новинарот Роман Проташевич. Белорусија го обвинува Протошевич како организатор на протести и поттикнување немири во периодот кога преку онлајн медиумот Некста и апликацијата Телеком ги пренесуваше масовните протести против белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Инцидентот со авионот на Рајанер, што вчера принудно слета во Минск поради наводна закана од бомба треба да се гледа од безбедносен аспект, изјави денеска портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи, Анатолиј Глаз, пренесе Слободен печат.
Заканата била лажна, но затоа Проташевич е уапсен, исто како и неговата девојка Софија, со која бил во Грција. Според белоруски и западни медиуми Лукашенко лично наредил приземјување на авионот, а леталото било следено од белоруски воен авион.
Литванија денеска соопшти дека нема да дозволи ниту еден лет, ниту влезен, ниту излезен, да го преминува белорускиот воздушен простор.
„Сите летови што одат од или до литванските аеродроми преку белорускиот воздушен простор се забранети“, изјави министерот за транспорт Мариус Кудис на владин состанок во Вилнус, пренесува МИА.
Баренд Лејтс, портпарол на претседателот на Европски совет Шарл Мишел, синоќа најави дека на денешниот Самит на Европска Унија ќе се разговара за евентуални санкции кон Белорусија.
Според неименувани извори, ЕУ, која веќе има воведени три рунди санкции кон Белорусија, работела на четврта рунда санкции кон белоруски претставници, како одговор на спорните избори од 2020 година, кога е реизбран претседателот Александар Лукашенко, што предизвика масовни протести шиурум земјата, кои насилно беа задушени.
Обвинителството на Литванија покрена криминална истрага, која вклучува „киднапирање на авион во терористички цели“ и кршење на човековите права според голем борј меѓународни договори.
Литванија синоќа ги повика земјите-членки на ЕУ да издадат заедничка препорака авионите да го заобиколуваат воздушниот простор на Белорусија, а вчерашниот инцидент да биде означен како кршење на правилатѕа на Меѓународното цивилно летање.
Во меѓувреме Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) побара ослободување на Проташевич.
„Загрижена сум од извештаите дека цивилен авион бил принуден да слета во Минск за да биде уапсен независниот новинар Роман Проташевич. Таквото однесување е многу вознемирувачко и несовесно. Ја повикувам Белорусија веднаш да го ослободи новинарот Проташевич“, изјави претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде.
Амбасадорот на Белорусија при ЕУ, Александр Михневич, е повикан во седиштето на европската дипломатска служба во знак на протест поради приведувањето на опозиционерот Роман Проташевич.
На барање на шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, белорускиот амбасадор денеска се сретна со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино. ЕУ на амбасадорот му пренела дека приведувањето на Проташевич е неприфатливо, како и присилното слетување на авионот во Минск каде се наоѓал белорускиот опозиционер.
ЕУ смета дека ова е уште еден обид на Минск да ги замолчи опозициските гласови и побара веднаш да биде ослободен Прoташевич.
Темата ќе биде на дневниот ред на шефовите на држави и влади кои се состануваат вечерва и утре во Брисел на вонреден самит.