Конференција за Западен Балкан
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров го пречека канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел пред почетокот на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин.
Премиерот Заев и канцеларката Меркел ја истакнаа важноста на економските придобивки кои ги носи билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција и потенцираа дека ваквите соработки треба да се интензивираат низ целиот регион. На маргините на Конференцијата премиерот Зоран Заев се сретна со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.
Синдикалните протестни патеки се разијдоа
Утре, по повод Денот на трудот ќе маршираат Сојузот на синдикати на Македонија, под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас“. Протестниот марш на ССМ ќе започне во 11 часот пред седиштето на ССМ, и ќе заврши пред Владата на Република Северна Македонија, со читање на барањата од Мајскиот манифест, и потоа со првомајска седница на економско социјалниот совет.
Синдикалните протестни патеки и оваа година се разијдоа. Протестен марш организира и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, одделно од ССМ. Маршот ќе започне од зградата на МРТВ и ќе заврши пред Владата. Протестен марш најавија и од Синдикатот на новинари и медиумски работници заедно со Синдикатот на дипломатската служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата кој подолг период чека на зголемување на платите на културните работници. И социјалниот центар „Дуња“, утре ќе протестира под мотото „Да го одбраниме јавното здравство“ пред Министерството за здравство.
Пендаровски прифати, а Силјановска Давкова одби да излезе #НаМегдан
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, веднаш по добивањето на поканата од иницијативата #НаМегдан да одговорат на директни прашања од граѓанките и граѓаните одговори потврдно. Неговата ривалка, претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова одбра да ја одбие поканата за соочување.
ЦИВИЛ – Центар за слобода објави дека со внимание ги следи изјавите во врска со оваа иницијатива што се во контекст и на изборниот мониторинг. Ставот на организацијата е:
Секогаш постои потреба од директна комуникација меѓу гласачите и кандидатите, особено во контекст на граѓанскиот активизам и демократските процеси во земјата. Оваа и ваквите иницијативи отвораат креативни комуникациски канали за граѓанско учество во изборниот процес, надвор од сценаријата на партиските тимови за односи со јавноста. Сметаме дека треба да се продолжи со поставување на прашањата, а ќе биде доблесно политичарите да одговорат на тие прашања.
Избори 2019
Роковникот на Државната изборна комисија за вториот круг од претседателските избори одредува дека медиумите од полноќ веќе не можат да објавуваат резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес. Медиумите моат резултатите од анкетите ди ги објават најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на вториот круг од претседателските избори и вонредните локални избори. Според роковникот ДИК најдоцна до утре треба да го достави изборниот материјал до Општинските изборни комисии, кои најдоцна до 4 мај треба да го распределат до избирачките одбори.
Што се однесува на денот на гласање, ДИК ќе одржи 6 прес конференции, како што одржа и на 21 април за првиот круг. Првата прес конференција ќе се одржи во 10:30 каде ќе информира за отворање на гласачите места, текот на гласањето и излезноста. Следните се во 13:30, 15:30 и 17:30 часот. На предпоследната прес конференција во 19 часот ДИК ќе излезе со информации за излезноста до 18:30 часот, текот на гласањето, информација за техниката на пренос на резултати. Последната прес конференција всушност ќе биде следење на првичните резултати добиени по електронски пат во живо.
Изборна хроника
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски, ја искористи изборната кампања за вториот круг за делење ордени. Во Штип вети дека ќе воведе орден „Киро Глигоров“, а во Струмица орден „Борис Трајковски“, се разбира доколку граѓаните го изберат за претседател. Пендаровски пред струмичани и штипјани ја изрази и својата гордост и чест што имал прилика да ги познава и двајцата поранешни претседатели.
Во Аеродром, пак, Пендаровски потсети дека очекува десет пати поголема разлика од првиот круг. Добро е жителите од оваа општина да знаат дека нема друго чаре за младите освен ЕУ и за сите останати НАТО.
Кандидатката за пртседател Гордана Силјановска Давкова се пофали дека можела и за Албанец да се омажи и дека имала многу пријатели Албанци цел живот, таа не е албанофоб, напротив, таа секогаш на сите граѓани им се обраќа подеднакво…
На вчерашните средби во Кичево, Струга и Охрид, Силјановска не пропушти да одржи уште едно предавање за правната држава. Но, го искористи моментот и да повика на бојкот, но на власта, а не на гласовите што ќе си седат дома. Не. Силјановска повикува, гласајте, ама за мене и така ќе се стигне и до предвремени парламентарни избори. Нешто што сигурно ќе го израдува нејзиниот поддржувач, ВМРО-ДПМНЕ.
ЦИВИЛни активности
ЦИВИЛ организира креативна работилница „Заедно за иста цел“ во Гимназијата „Гоце Делчев“, Куманово, со почеток во 11:30 часот, како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“. Околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Куманово на работилницата заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Работилницата ќе ја водат членовите на работната група за превенција од насилен екстремизам заедно со тимот на ЦИВИЛ. ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
Б. Јордановска












