Европската комисија денеска ќе го презентира пакетот на извештаи за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ за 2025 година.
Според најавите, еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево ќе го претстави пакетот за проширување пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе следи дебата која се очекува да биде фокусирана на постигнувањата на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство на нивните патишта за пристапување кон ЕУ. Врз основа на извештаите, известувачите на Комитетот за надворешни работи ќе изготват соодветни резолуции.
Во пакетот-извештаи Еврокомисијата ја потврдува својата посветеност на пристапниот процес и на перспективата за „обединување на Европа“, но посочува и на одредени пропусти и недостатоци во секоја од државите кандидати за членство.
Во него наведува општа оценка дека процесот на проширување сега се движи побрзо отколку во последните 15 години, но и дека корупцијата останува значаен предизвик за земјите опфатени со процесот на проширувањето и дека справувањето со неа мора да биде приоритет.
Во извештајот за земјава се оценува дека таа постигнала значителен напредок во спроведувањето на реформите и дека македонските власти продолжиле да работат на имплементација на патоказите за владеење на правото, на реформата на јавната администрација и на функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата.
Како позитивен развој на настаните во извештајот се наведува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и се оценува дека земјата постигнала одреден напредок во однос на плурализмот и слободата на медиумите и на слободата на изразување.
Европската комисија во документот посочува и дека земјата е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и дека една од државите што се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е забрзување на движењето на стоките преку границите.
Во извештајот се забележува дека земјата треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено заштитата на независноста и интегритетот на судството и да ја засили борбата против корупцијата.
Во документот се нагласува потребата од спроведување „со добра волја од сите страни“ на склучените билатерални договори, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и се нотира дека се уште не се усвоени уставните амандмани насочени кон вклучување во Уставот на граѓани кои не претставуваат мнозинство, како што се Бугарите, за што земјата презела обврска.
Во однос на другите кандидати за членство се нагласува постигнатиот напредок на Црна Гора и Албанија во досегашниот тек на преговорите, додека од друга страна помал ентузијазам се покажува за Босна и Херцеговина, Косово и Србија.











			
