Во понеделник ќе се потпише договорот за набавка на 200.000 вакцини за Ковид-19 од Кина, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„Ние ќе го потпишеме во понеделник, после што се надевам дека за најкраток можен временски рок тие ќе стигнат во земјава. Ние интензивно работиме и на обезбедување на соодветен начин на транспорт.
Тоа значи дека станува збор за 200.000 вакцини, како што веќе најавивме“, рече Филипче.
Дополнително Филипче извести дека вакцинираните граѓани ќе добијат сертификат по пирмерот и искуството на другите земји што веќе започнале со вакцинација.
„Здравствените работници од Клинички центар ќе се вакцинираат на еден пункт, останатите од Скопје, ќе се вакцинираат во поликлиниката „Букурешт“. Здравствените работници од другите градови ќе се вакцинираат во здравствените домови во нивниот град “, појасни Филипче, додавајќи дека втората приоритетна група се луѓето над 70 години, а во втората фаза ќе се вакцинираат луѓето над 65 години, потоа помлади луѓе со коморбидитети, вработени во центри за јавно здравје, аптеки, витални институции, новинари, образовни институции и градинки.
Регистрацијата ќе се врши преку „Мој термин“, кој ги анализира по однос на возраст и хронични болни. Матичните лекари ќе бидат задолжени за контакт со граѓаните и закажување термин за вакцинација.












