Во интервју за ЦИВИЛ Медиа (објавено на 5 декември 2017 година) сопственикот на Канал 77, Горан Гаврилов, зборува за слободата на изразување медиумските слободи и активизмот.
„Главно оружје на еден медиум е јавноста. Не постои друг клиент, сите останати се слаби. Бидејќи сите пробаа да се договорат, да пратат порака, да ограничат, но ако ја ставите јавноста против нив никој не ти може ништо. Затоа, препораката до сите медиуми, па и граѓани е да ја користат јавноста, јавниот збор. Масата од 2 милиони луѓе е повеќе од извршната власт од 2.000 луѓе и затоа нашето оружје е помоќно. Секако дека тоа нема да биде фер борба, бидејќи тие поседуваат финансии и апарат, ние не поседуваме такво нешто, но демократијата секогаш победува и затоа не смееме да очајуваме дека тоа е залудно потрошено време и пари. Мислам дека последниот пример како Шарената револуција покажа дека улицата може да победи над правото и да дојде правдата. Но, тоа е исклучителен момент, ние како правна држава мора да бидеме дел од европското семејство каде што функционираат сите елементи на правната држава, и медиумите се главен и основен стожер на четврта власт и регулација на првите три, односно мониторинг, и наша работа е да укажеме преку јавноста кои се девијациите во првите три власти, за да може обинителството да си ја врши својата работа. За жал, минатите години ние објавивме многу стории за девијации, но немавме обвинител. Имавме партнер клиент на извршната власт. Да речеме дека тоа се промени и пораката треба да стигне и до самите институции, но и до новата политичка елита во Република Македонија“, истакна Гаврилов.