Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пристигна во Украина по посетата на Москва каде што се сретна со претседателот Путин, пренесува Укринформ.
„Пристигнав во Украина по посетата на Москва“, напиша Гутереш на Твитер.
Според него, ОН ќе ја продолжат својата работа за проширување на хуманитарната поддршка и обезбедување евакуација на цивили од конфликтните зони.
„Колку побрзо заврши оваа војна, толку подобро – за доброто на Украина, Русија и светот“, истакна генералниот секретар на ОН.
Во четврток Гутереш ќе разговара со претседателот на Украина Володимир Зеленски и со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.
Како што беше соопштено, по вчерашната средба Путин-Гутереш, портпаролот на генералниот секретар на ОН рече дека Путин наводно се согласил да ги вклучи агенциите на ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во евакуацијата на цивилите од фабриката Азовстал во Мариупол. Гутереш предложи да се формира хуманитарна контакт група составена од претставници на Русија, Украина и Обединетите нации за да се изнајдат начини за отворање безбедни коридори со локален прекин на непријателствата, како и да се осигура дека тие се навистина ефективни.
Денеска, 27 април, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги демантираше информациите на ОН за договор со Русија за заедничко учество со Меѓународниот комитет на Црвениот крст во евакуацијата на цивилите од Азовстал во Мариупол.
Според резолуциите на Генералното собрание на ОН, руската инвазија на Украина е грубо кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право. Во документите се повикува Русија веднаш да ги прекине непријателствата и да ги повлече војниците од Украина.
Подготви: Д.Мишев