И на минатиот редовен петочен граѓански форум на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Кое е вашето прашање до властите и политичарите?, граѓаните упатија низа остри критики и барања, со јасна порака дека трпението е при крај.
Правда и одговорност
Најчести реакции се однесуваат на потребата од вистинска правда и завршување на практиката на селективна одговорност. „Доста беше привилегии, правда мора да има за сите. Крупните риби од сите власти во изминативе 35 години треба да завршат во затвор, а имотот да им биде конфискуван“, порачуваат граѓаните.
Непотизам и корупција
Многумина се незадоволни од корупцијата, клиентелизмот и високите плати на избраниците.
„Кога ќе се откажат од 120.000 денари плата и сите привилегии? Очигледно е дека за ништо не ги бива, освен за тендери“, стои во една од реакциите.
И власта и опозицијата криви
Гневот е насочен не само кон актуелната власт, туку и кон опозицијата. „Кога конечно ќе има предвремени избори? Време е власта да се врати на народот“, пишува еден корисник, додека друг додава: „И власт и опозиција се исти – политичари-лажговци, корумпирани криминалци. Сите треба да одговараат.“
Уставни измени и ЕУ интеграции
Дел од коментарите се фокусирани на застојот со евроинтеграциите. „Мицкоски мора да се свести и да го отвори Уставот без одлагање. Македонија мора да ги почне преговорите со ЕУ што побрзо“, пишуваат граѓаните. Сепак, има и скептици кои тврдат дека власта „не сака ЕУ и фатила друг пат“.
Локални проблеми
Граѓаните инсистираат и на решавање на основните инфраструктурни проблеми. „Кога ќе добиеме нова водоводна мрежа? Старите цевки се над 70 години“, реагира граѓанин. Друг додава: „Бараме асфалтирање и тротоари – тоа се елементарни работи што секој граѓанин треба да ги има.“
Од коментарите јасно произлегува силна недоверба кон институциите и политичките елити. Барањата варираат – од темелни реформи и правда, преку ЕУ интеграции, до решавање на секојдневните проблеми – но заедничката порака на граѓаните е недвосмислена: доволно е од неодговорност и привилегии, време е за одговорност и резултати.